Околу 1.000 нови случаи на рак на дојка се откриваат секоја година во Македонија, а во моментов околу 7.000 жени се лекуваат или веќе поминале низ третман за ова заболување, информираше министерот за здравство Сашо Клековски на „Розовиот пикник појадок“ организиран од ХЕМА-ОНКО во Паркот кај Школка.
На настанот присуствуваше и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, како и голем број жени кои испратија порака за важноста на превенцијата, раното откривање и отворениот разговор за ракот на дојка.
Клековски посочи дека навременото откривање е еден од клучните фактори за успешно лекување, но нагласи дека постојната скрининг програма за рак на дојка не ги дава очекуваните резултати.
„Мораме комплетно да го премислиме концептот и се надевам многу бргу заедно со ХЕМА-ОНКО ќе промовираме нов концепт за скрининг програмата“, изјави министерот.
Тој информираше и дека два лека за рак на дојка се префрлени на позитивната листа, што им овозможува на пациентките кои се на хронична терапија лековите да ги подигнуваат во аптеките, наместо да одат на Клиниката за онкологија.
Според Клековски, снабдувањето со терапија во моментов е стабилно, но Министерството анализира дополнителни решенија за да се спречат можните прекини во испораката на лековите.
Министерот потсети и дека од минатата година е обезбедена дополнителна финансиска поддршка за Клиниката за торакална хирургија и Клиниката за пластична хирургија, со цел реконструктивните интервенции да се изведуваат веднаш по оперативниот третман.
„Тоа не е само естетско прашање, туку прашање на психофизичкото здравје и квалитетот на живот на жените кои се соочиле со оваа болест“, нагласи Клековски.
Од ХЕМА-ОНКО порачаа дека раната дијагностика останува најважното оружје во борбата против ракот на дојка. Ана Марјановиќ истакна дека кај жените кај кои болеста е откриена во рана фаза, шансите за успешно лекување се значително поголеми.
Таа посочи дека иако во моментов нема целосно функционална скрининг програма, жените можат многу да направат преку редовни самопрегледи и навремено обраќање кај лекар.
„Ако жената добро го познава своето тело и активно се грижи за своето здравје, ракот може да биде откриен во фаза кога лекувањето е најуспешно“, порача Марјановиќ.
Таа го оцени како важен чекор и воведувањето на тумор-борд за рак на дојка, каде одлуките за третман ги носи мултидисциплинарен тим составен од онколози, хирурзи, радиолози и патолози.
На настанот свои искуства споделија и жени кои се соочиле со оваа дијагноза. Марина Камберска, која осум и пол години живее со рак на дојка, апелираше пациентките да не се изолираат, туку да разговараат и да бараат поддршка.
Тереза Балаловска, која се лекува од 2019 година, порача дека за болеста мора да се зборува без страв, бидејќи молчењето и избегнувањето на прегледи можат да бидат сериозна пречка за навремено лекување.
Организаторите нагласија дека ваквите иницијативи имаат цел да ја намалат стигмата околу ракот на дојка и да ги охрабрат жените навреме да побараат помош.
