Премиерот Христијан Мицкоски ја оцени средбата со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен како исклучително пријателска, корисна и содржајна, посочувајќи дека таа може да биде значајна за идните процеси поврзани со европската интеграција на земјата.
По увидот на градежните активности на мостот на улицата „Љубљанска“ во Општина Карпош, Мицкоски рече дека очекува конкретни чекори веќе следната недела, откако Министерството за надворешни работи и надворешна трговија испратило иницијатива за средба со бугарската страна.
Сепак, премиерот нагласи дека не е целосно задоволен од пораките што ги испрати претседателката на Европската комисија, особено во делот на уставните измени.
„Таа јасно кажа дека стои на маса промената на Уставот, работа која е прифатена од претходната влада“, изјави Мицкоски.
Тој ги обвини поранешните партнери од власта, предводени од СДСМ и ДУИ, дека не понудиле решенија за надминување на состојбата и дека, како што рече, се обидуваат со неточни тврдења да создадат впечаток дека Владата ќе ја менува преговарачката рамка.
Мицкоски порача дека Владата ќе продолжи со активностите за заштита на државните интереси и дека за овие процеси е потребно време и трпение.
„Стигнавме до разговори. Порано нешто што не беше возможно, еве се случи. И уште многу работи ќе направиме што тие не можат ниту во најдобриот сон да ги замислат“, рече премиерот.
Тој оцени дека пораките од Фон дер Лајен сепак се охрабрувачки, особено нејзината оценка за реформите што ги спроведува земјата и можноста за постепена интеграција во Европската Унија.
Мицкоски најави дека во ноември ќе има две посети на Брисел – една поврзана со еврокомесарката за проширување и една во рамки на регионален самит на ЕУ и Западен Балкан.
Во однос на најавената средба со бугарската страна, премиерот рече дека не очекува таа да биде одбиена, но дека одлуката е на Софија.
„Министерот побара, сега останува на нашиот источен сосед да одлучи што понатаму“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека доколку средбата биде одбиена, тоа, според него, дополнително ќе ги потврди ставовите и загриженоста што ги има македонската страна.
