Шест големи хидроелектрани во земјава ќе бидат модернизирани со инвестиција од околу 46 милиони евра, со цел продолжување на нивниот работен век, зголемување на производството и поголема сигурност на електроенергетскиот систем.
Проектот опфаќа реконструкција и модернизација на хидроелектраните „Вруток“, „Врбен“, „Равен“, „Тиквеш“, „Шпилје“ и „Глобочица“, кои се дел од трите хидроенергетски системи – „Маврово“, „Црн Дрим“ и „Тиквеш“.
Средствата се обезбедени преку заем од германската развојна банка КФВ и грант од Европската Унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан. Од вкупната вредност, 35 милиони евра се обезбедени како заем од КФВ, додека околу 10,7 милиони евра се неповратни средства од ЕУ.
Во рамки на проектот ќе биде заменета застарената опрема, што според АД ЕСМ треба да придонесе за намалување на прекините во работењето, подобрување на безбедноста на постројките и зголемување на нивната ефикасност.
Генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, посочи дека модернизацијата ќе има директни ефекти врз производството и работењето на компанијата.
„Со модернизацијата го продолжуваме работниот век и го зголемуваме инсталираниот капацитет кај големите хидроелектрани за дополнителни 13,5 мегавати. Со тоа обезбедуваме ново годишно производство од 50 гигават-часови чиста електрична енергија“, изјави Узунчев.
Тој додаде дека зголеменото производство и поголемиот обем на системски балансни услуги се очекува да донесат најмалку пет милиони евра дополнителни годишни приходи за ЕСМ.
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека проектот ќе придонесе за зајакнување на производните капацитети на компанијата, особено во делот на обновливите извори на енергија.
„Со самата модернизација практично ќе се зголеми и произведеното количество електрична енергија, а ќе се обезбеди и поголема флексибилност на електроенергетскиот систем“, рече Мицкоски.
Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, посочи дека Македонија располага со значаен хидропотенцијал, но дека за негово подобро искористување потребна е модернизација на постојните капацитети.
„ЕУ придонесе за ревитализација на шест хидроелектрани со грант од околу 11 милиони евра. Преку Планот за раст ќе продолжиме со финансиска и советодавна поддршка за енергетскиот сектор“, изјави Рокас.
