Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги потсети земјоделците дека 30 септември е последниот рок за поднесување барања за финансиска поддршка од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2026 година.
Барањата се поднесуваат електронски преку системот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Земјоделските стопанства можат самостојно да аплицираат или да побараат стручна помош во подрачните единици на Министерството.
За полесно користење на електронскиот систем, подготвен е и Водич за директните плаќања во земјоделството за 2026 година. Во него се содржани сите информации за мерките, условите, висината на финансиската поддршка, потребната документација, како и постапката за поднесување и следење на барањата.
Апел до земјоделците упати и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, кој преку социјалните мрежи ги повика навреме да ги поднесат своите апликации.
„До 30 септември земјоделците можат да ги поднесат барањата за субвенции за 2026 година. Водичот со мерките, условите и постапката за аплицирање е достапен во објавата, а помош може да се добие и во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство“, напиша Серафимовски.
