Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, е избран за нов потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), соопшти партијата.
Од СДСМ информираа дека покрај изборот на Герасимовски за потпретседател, Централниот одбор ги избрал и новите членови на партиските тела. За членови на Централниот одбор се избрани Верица Зурзуровска, Јане Велковски, Николче Мискоски, Александар Поповски и Владимир Михајловиќ, додека Поповски е избран и за член на Извршниот одбор.
Во составот на партиските структури се избрани и членовите на Советот на СДСМ, кој ќе го предводи професорката Ана Чупеска.
Герасимовски по изборот се заблагодари за довербата и порача дека во партијата е потребно поголемо единство, дијалог и работа на терен.
„Различното мислење не треба да нè дели, туку да нè прави посилни. Само сплотени можеме да ги браниме нашите вредности и повторно да ја вратиме довербата на граѓаните. За тоа мора да почнеме од себе – да разговараме повеќе, да се слушаме повеќе и да бидеме повеќе меѓу луѓето“, порача Герасимовски.
Со новата функција, тој ќе им се приклучи на актуелните потпретседатели на СДСМ, пратеничката Јована Тренчевска и Александар Трајановски.
Изборот на Герасимовски доаѓа во период на внатрепартиски превирања во СДСМ, по иницијативите од платформата „Разговори за иднината во 12 и 5“, чија цел, според нејзините иницијатори, е промена на актуелното партиско раководство предводено од Венко Филипче.
