СДСМ обвини дека во повеќе државни институции доцни исплатата на платите, меѓу кои и во ЕСМ, како и дека дел од општините се соочуваат со проблеми при реализација на плаќањата преку Трезорот.
Во соопштение од опозициската партија се наведува дека вработени во ЕСМ реагирале оти октомвриската плата не ја добиле во вообичаениот рок, односно во првите денови од месецот. Според СДСМ, дел од вработените добиле и известувања дека сè уште нема точен датум за исплата.
Од партијата тврдат дека до нив пристигнуваат и реакции од општини кои не можат да реализираат плаќања преку Трезорот, но не наведуваат за кои локални самоуправи станува збор.
СДСМ оценува дека ваквата состојба е последица на, како што велат, нарушената стабилност на јавните финансии и го повика премиерот Христијан Мицкоски да одговори дали Владата може редовно да ги сервисира обврските.
Опозицијата тврди дека буџетскиот дефицит изнесува околу 900 милиони евра и дека јавниот долг продолжува да расте. Според нивните наводи, власта во изминатите две години создала нов долг од четири милијарди евра, а јавниот долг до крајот на годината би можел да надмине 60 проценти од БДП.
Од СДСМ овие оценки ги поврзуваат со вториот ребаланс на буџетот и новите задолжувања, обвинувајќи дека поради недостиг на средства нема реализација на ветувањата за повисока минимална плата и дополнителна поддршка за земјоделците.
Владата досега нема дадено официјална реакција на овие обвинувања.
