Сообраќајниот пристап до кабарето „Пулс“ во Кочани бил значително отежнат поради големиот број непрописно и густо паркирани возила, а при една од контролите сопственикот на објектот Дејан Јованов не ја доставил лиценцата за работа на увид, посочи во своето сведочење инспекторката Деспина Симеонова.
Симеонова, самостоен инспектор во Регионалниот центар за гранични работи Исток – Делчево, денеска сведочеше во судскиот процес против девет полициски службеници обвинети во врска со пожарот во кабарето „Пулс“.
Таа објасни дека во периодот од 2022 до 2023 година таа и нејзините колеги вршеле редовни контроли во угостителски објекти и хотели, најчесто во ноќните часови.
Говорејќи за состојбата околу објектот, Симеонова посочи дека пристапот бил отежнат поради големиот број возила.
„Хаос е, со еден збор – не се поминува. Паркингот што го користи хотелот во близина е целосно исполнет, а на улицата пред дискотеката не може да се помине од паркирани возила“, сведочеше инспекторката.
Таа потврди дека во текот на една контролна акција била побарана лиценцата за работа на кабарето „Пулс“, по барање на нејзиниот колега Златко Кузмановски, кој бил одговорен за акцискиот план.
„Во мое присуство беше побарана лиценцата за работа на дискотеката „Пулс“. Од страна на сопственикот Дејан Јованов документот не ни беше покажан ниту даден на увид. Тој објасни дека е доцна да го бара книговодителот, бидејќи не е во просториите на дискотеката, и дека ќе ја донесе во понеделник“, изјави Симеонова.
Според нејзиното сведочење, Јованов тогаш посочил дека документите за обновување на лиценцата биле поднесени во Скопје.
Судскиот процес продолжува со сослушување на нови сведоци.
