Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) по сопствена иницијатива ќе отвори предмет по допрен глас за начинот на кој била финансирана прославата по повод 35 години од независноста на Македонија, која ја поддржа Државната лотарија.
Од ДКСК ќе го испитуваат начинот на донесување на одлуките, постапките за финансирање, како и евентуалното постоење на ризици од корупција или судир на интереси.
Прашањата околу прославата се отворија во јавноста откако беа објавени информации дека за организацијата биле потрошени повеќе милиони евра. Опозициските партии побараа институционална проверка на целата постапка, вклучително и на распределбата на средствата, договорите и исплатите кон ангажираните компании и изведувачи.
Предмет на проверка ќе биде и составот на надворешната комисија која ја оценувала програмата доставена од компанијата „Стардаст“, која ги добила средствата за организација на настаните, меѓу кои и централниот концерт на светскиот диџеј Давид Гета.
Според јавно изнесените информации, претседател на комисијата бил Николче Мицевски, кој подоцна се појавил и како автор на оркестрациите за настапот на Хосе Карерас, дел од програмата за прославата.
ДКСК ќе проверува и дали Собранието на акционери на Државната лотарија донело одлука за издвојување на средствата од нераспределената добивка, согласно Законот за трговски друштва, или средствата биле обезбедени без таква формална одлука.
По завршувањето на проверките и утврдувањето на фактичката состојба, Антикорупциската комисија ќе донесе одлука на јавна седница.
Од СДСМ претходно побараа Јавното обвинителство да отвори истрага, обвинувајќи дека власта ги крие договорите, фактурите и деталите за трошењето на парите.
Од опозициската партија поставија низа прашања поврзани со јавниот повик, изборот на организаторот, цената на настапот на Давид Гета, исплатите кон компаниите и начинот на кој биле реализирани средствата.
Власта досега ги отфрлаше обвинувањата за нетранспарентност, додека ДКСК сега ќе треба да ја утврди фактичката состојба околу целата постапка.
