Отворената и необезбедена градежна јама во центарот на Скопје повторно го отвори прашањето – колку навистина се безбедни градилиштата во главниот град? И тоа не било каде, туку во најфреквентниот дел од Скопје, каде секојдневно поминуваат илјадници граѓани.
Дополнително загрижува што јамата се наоѓа веднаш до соседен објект – станбена зграда чии темели се поткопуваат, што може да доведе до сериозни оштетувања, па дури и до уривање.
Овој пример за жал не е единствен во Скопје. И наместо општинските градежни инспектори навремено да ги лоцираат , јавноста најчесто дознава за овие проблеми преку медиумите и социјалните мрежи. Па дури откако ќе се крене голема прашина, институциите почнуваат да реагираат.
Среќа е што овојпат во Центар не се случи трагедија. Таа среќа ја немаше работникот кој пред два месеца загина при свлечиште на градилиште во Кисела Вода, каде беа повредени и неколку негови колеги.
Деканот на Градежниот факултет Јосиф Јосифовски денеска предупреди дека во Македонија воопшто не постои задолжителен проект за заштита на градежни јами, што отвора простор за вакви опасни ситуации. Тој посочи и дека Општина Центар нема соодветен инспектор кој може стручно да излезе на терен и да изврши увид. Дополнително, дознаваме дека на терен не биле испочитувани ниту постојните технички решенија, а немало ни соодветен стручен надзор.
Прашањето е – до кога ваквите опасни градилишта ќе се толерираат? И до кога инспекциите ќе реагираат дури откако јавноста ќе крене аларм?
Во меѓувреме, Скопје продолжува интензивно да се гради, но очигледно на многу места и без доволно контрола и безбедносни стандарди. А кога станува збор за градилишта во густо населени урбани средини, секоја неодговорност може да чини човечки живот.
