Во Музеј на Народноослободителната борба синоќа се одржа модна ревија и ретроспективна изложба на италијански очила, во организација на Italian Trade Agency, Амбасадата на Италија и компанијата Диоптра.
Настанот привлече повеќе од 120 гости, меѓу кои дипломати, уметници, стилисти и љубители на модата, кои имаа можност да проследат ревија со модели од реномирани италијански брендови како Lozza, Persol, Dolce & Gabbana, Giorgio Armani, Gucci, Valentino, Fendi и Furla.

На отворањето се обрати амбасадорот на Италија, Паоло Палминтери, кој ја истакна традицијата и глобалното значење на италијанската индустрија за очила, нагласувајќи дека станува збор за симбол на „Made in Italy“ и сектор со силен извозен потенцијал.

Ревијата понуди уникатно патување низ децениите – од 40-тите години до денес, со модели кои го отсликуваат развојот на италијанскиот дизајн и стил. Атмосферата беше надополнета со ретро музика, додека стајлингот на моделите ја следеше естетиката на секоја декада. За гардеробата беше задолжен брендот Magnetic.

По ревијата, беше отворена и изложба на оригинални модели на очила, кои ја прикажуваат еволуцијата на дизајнот во период од повеќе од осум децении.

Настанот се одржа по повод одбележувањето на Денот на италијанскиот дизајн и иницијативата „Made in Italy“, чија цел е промоција на италијанската креативност и индустриска извонредност.


