Со стиховите:
„Еј жено, надеж се гаси ко ранета срна во снегот,
очајот не ти е брат – разбуди го ѕверот…
Еј жено… гордо исправи се, немој за милост да молиш…“
Елена Велевска ја отвора својата нова балада „Еј жено“ – песна што носи моќна порака за достоинството, храброста и внатрешната сила на жената. Таа беше објавена на Меѓународниот ден на жената и е посветена на сите жени и мајки – како симболична поддршка за нивната борба, издржливост и способност повторно да се издигнат по секој пад.
Баладата зборува за разочарувањата и животните удари, но и за силата што секоја жена ја носи во себе – силата повторно да се исправи, со крената глава и со верба во сопствената вредност.
„Еј жено, храбро срце во градиве носиш жено…
немој да дозволиш денес да не ти е денот…“
Токму таа искреност и емотивна длабочина Елена ја пренесува со интерпретација што открива една поинаква, позрела и посензитивна страна од нејзиниот музички израз. „Еј жено“ носи нова енергија и навестува можен нов правец во нејзината кариера.
Интересна е и приказната зад песната. Текстот, чиј автор е Љупче Василев, бил напишан пред околу пет години. Пред три години ѝ го покажал на Елена, а нејзината реакција била кратка, но јасна: „Чувај ми го“. Песната трпеливо го чекала вистинскиот момент, сè додека неодамна авторот повторно не ја потсетил на стиховите.
Музиката, аранжманот и продукцијата ги потпишува Дејан Момироски, додека видеото е реализирано во соработка со „Томато продукција“.
„Ова е една од најпосебните песни во мојата досегашна кариера. Долго го чекаше својот момент и ете се случи. Многу е поразлична од она што досега сум го работела, но се пронајдов во неа. Како да е пишувана токму за мене“, изјави Велевска.
Со „Еј жено“ таа испраќа јасна порака: жената е сила, достоинство и издржливост – дури и кога животот ја става на тест.
Песната веќе е достапна на сите дигитални платформи, а видеото може да се погледне на официјалниот YouTube канал на Елена Велевска.
