Битола на 25 март ќе биде домаќин на мјузиклот „Кралот Фреди“, сценско-музички проект инспириран од животот и музиката на легендарниот фронтмен на „Квин“, Фреди Меркјури. Настанот е закажан за 20 часот во Центарот за култура, во организација на Битолскиот оркестар „Дива“.
Мјузиклот е создаден по сценарио на Димитар Захариевски, додека режијата ја потпишува Бојан Стојков. За музичкиот дел е задолжен диригентот Владимир Димовски, кој стои зад продукцијата и новите оркестрации на најпознатите хитови на „Квин“, што ќе ги изведе оркестарот.
Според организаторите, станува збор за првиот оригинален македонски мјузикл инспириран од животната приказна и творештвото на Фреди Меркјури. Претставата ја следи неговата патека – од првите соништа до статусот на музичка икона, прикажувајќи ги славата, љубовта, личните предизвици и трајното наследство што го остави зад себе.
Во улогата на Фреди Меркјури ќе настапи битолскиот пејач Бојан Стојков, додека Димитар Захариевски ќе го игра гитаристот Брајан Меј. Улогата на Џон Дикон ќе ја толкува Никола Пројчевски, Роџер Тејлор ќе го игра Никола Стефанов, а Теона Крстеска ќе ја оживее Мери Остин.
Организаторите најавуваат дека публиката може да очекува несекојдневно сценско искуство кое ги спојува концертот, театарот и силната емоција во една целина, со цел да се оддаде почит на музичката легенда и да се донесе нова енергија на сцената во Битола.
