Македонија го дочека и ислуша најновиот годишен извештај на европратеникот Томас Вајц за нашиот напредок. Секако, веднаш ни беше кажано дека мора да се угоди на сите што ќе побараат смена на устав или нешто слично – такви биле правилата. Ама за изненадување, прв пат се прозборе и за тоа дека во ЕУ стануваат свесни дека граѓаните во Македонија се веќе „уморни и исцрпени” од ваквата евроинтеграцијата.
И не само тоа, за изненадување е дека конечно во извештајот се споменува дека одговорноста за застојот во процесот е и во Брисел.
Добра е понекогаш да добиваме од ЕУ и ваква искреност.
Но, што по таквата искреност ќе направи Брисел? Пак ќе ни повтори дека мора да смениме устав, а потоа и ќе ни набројат неколку реформи?
Останува Брисел да објасни на нас уморните македонски граѓани, зошто за Македонија секогаш се нуди некаков „отворен прозорец на можности”. Зошто не се отвори вратата преку која се влегува според одамна поставените европски стандарди, мерит-систем и реформи, а не по диктат на кого ќе му текне?
Можеби во следниот годишен извештај тоа ќе се напише. Македонија треба да почека.

