Неодговорните возачи скопските улици ги претвораат во место на страв за пешаците.
Вчера четиригодишно дете беше тешко повредено откако во него удрил автомобил на улица во Драчево. Детето со сериозни телесни повреди е пренесено во Градската општа болница, а полицијата утврдува под какви околности се случила несреќата.
Само една недела претходно, 56-годишен пешак се здоби со тешки повреди откако на булеварот „Борис Трајковски” во Скопје беше прегазен од товарно возило.
И јануари беше црн месец за пешаците.
На 4 јануари во селото Волково, 60-годишен маж го загуби животот откако беше прегазен од автомобил управуван од 40-годишна жена. Само пет дена подоцна, на 9 јануари, 75-годишна скопјанка почина од повредите здобиени при прегазување од млад возач кој избега од местото на несреќата и подоцна беше уапсен во Белград.
На 16 јануари, 16-годишник без возачка дозвола удри во 57-годишен пешак и му нанесе сериозни повреди.
Има уште за набројување. Но и ова е огромна причина да вришти алармот. Отворање на „четири очи” е нужно и кај возачите и кај пешаците, но и кај полицијата.
