Шкендија и Тиквеш со победи го отворија вториот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига, во рамки на 17. коло. Во дербито одиграно во Тетово, домашниот тим успеа да го скрши отпорот на второпласираната Струга во самиот финиш и славеше со 2:0.
Резултатот го отвори Себастијан Спахиу во 78. минута, а десет минути подоцна тој беше асистент при вториот гол, кој го постигна Фахд Нзенгуе, со што беше потврдена важната победа на тетовчани.
На другиот натпревар, Шкупи формално беше домаќин во Кавадарци, но доживеа тежок пораз од Тиквеш со убедливи 6:0. Најзаслужен за триумфот на кавадаречкиот тим беше Берат Садик, кој постигна хет-трик.
Натпреварите од ова коло продолжуваат утре со дуелите Вардар – Арсими и Силекс – Башкими, додека во четврток ќе се одиграат средбите Брера – Македонија ЃП и Пелистер – Работнички.
По одиграните натпревари, на табелата води Вардар со 42 бода, пред Струга со 41 и Шкендија со 39. Следуваат Силекс со 31, Арсими и Башкими со по 22, Тиквеш со 21, Брера со 19, Пелистер со 16, Македонија ЃП со 15, Работнички со 7 и Шкупи со 1 бод.







