Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска информираше дека официјално е започната постапката за набавка на повеќе од 40 нови специјализирани возила за потребите на ЈП „Комунална хигиена“, оценувајќи ја како најголема во јавната чистота во последните десет години.
Со ова, во функција ќе бидат ставени над 40 современи и специјализирани возила кои секојдневно ќе се грижат за чистотата во сите скопски населби и улици. Градоначалникот нагласи дека станува збор за инвестиција што се реализира за помалку од три месеци од неговото стапување на функцијата, за разлика од изминатите осум години кога биле набавени само четири возила.
Ѓорѓиевски истакна дека обновата на возниот парк нема да застане тука и дека набавките ќе продолжат континуирано, со цел трајно решавање на проблемот со отпадот кој со години ги мачеше скопјани. Според него, чист град значи здрав град и подобар квалитет на живот за сите.
