Општина Центар продолжува да обезбедува непосредна поддршка за своите повозрасни сограѓани преку проектот „Сервис за стари лица – Центар се грижи за возрасните“.
„Станува збор за многу успешен проект од кој корисниците се исклучително задоволни. Со оваа услуга, која Општина Центар ја спроведува во соработка со невладината организација „Хуманост“, обезбедуваме директна грижа и поддршка за повозрасните жители во нивните домаќинства. Месечно услугата опфаќа околу 100 жители“, – потврдува и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Преку проектот на нега за стари лица, корисниците бесплатно добиваат помош и поддршка од стручни и обучени лица, вклучително негуватели, физиотерапевт и социјален работник, директно во својот дом.
Право на користење на услугата имаат лица постари од 62 години, кои се корисници на пензија или социјална помош, со месечни примања до 35.000 денари и со живеалиште на територија на Општина Центар.
