Сообраќајот на сите државни патишта низ земјава се одвива непречено и по безбедни коловози, информира Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ). Поради слаби врнежи од снег во Струмица, Крушево и на планинскиот превој Ѓавато, се препорачува зголемена внимателност при управување со возилата.
Екипите на ЈП „Македонија пат“ се постојано на терен со соодветна механизација и работна сила и вршат континуирано расчистување на коловозите, во координација со ЈП за државни патишта и Министерството за транспорт. Од АМСМ апелираат возачите да управуваат внимателно и совесно, задолжително да користат зимска опрема, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да ја прилагодат брзината на условите на патиштата.

Поради зимските услови и ниските температури, до 9 часот утрово не сообраќаа автобусите на ЈСП на линиите од Транспортен центар кон Рашче, Никиштани, Долно Количани, Маркова Сушица и Блаце, информира Центарот за управување со кризи. Од ЦУК додаваат дека во истиот период на повеќе локации низ државата имало отежнати услови на патиштата, а екипите интервенирале за расчистување и нормализирање на сообраќајот. Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања. Посебна претпазливост се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево поради можност од одрони.
АМСМ потсетува дека законската обврска за задолжително поседување зимска опрема е на сила и ќе трае до 15 март 2026 година.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
