Црвениот крст на град Скопје и оваа година на 25 јануари ќе реализира крводарителска акција посветена на хуманоста и делото на нашата музичка ѕвезда Тоше Проески, кого и покрај тоа што прерано нè напушти, засекогаш ќе го паметиме како симбол на хуманост.
Оваа крводарителска акција веќе прерасна во препознатлива и традиционална хуманитарна активност во Скопје, која секоја година обединува голем број граѓани, особено млади луѓе кои во ликот и делото на Тоше Проески препознаваат позитивен пример.
Годинава, акцијата ќе се одржи на 25 јануари 2026 година , во холот на Домот на АРМ, во периодот од 09:00 до 17:00 часот. Во организација на акцијата се вклучува Општинската организација на Црвен крст Гази Баба, со поддршка на Институтот за Трансфузиона медицина.
Досега, преку овие крводарителски акции се собрани над 6.000 единици крв, при што особено охрабрувачки е големиот број млади и првократни крводарители кои активно се вклучуваат, инспирирани од пораките што ги пренесуваше Тоше.
Од таму ги повикуваат сите хумани граѓани да учествуваат во оваа крводарителска акција и заедно, во духот на Тоше Проески, да покажеме дека хуманоста живее.
