„Реконструкцијата на спортската сала „Работнички“ во Општина Центар се одвива во работна фаза, при што објектот добива целосно нов лик и функционалност согласно современите спортски и технички стандарди. Инвестицијата за обновата на салата изнесува 120.000.000 денари и е обезбедена од Владата преку Министерството за спорт, како дел од владините Проекти за трајна промена – темели за сигурна иднина“, напиша премиерот Христијан Мицкоски, во објава на Фејсбук.
Тој посочи дека проектот има цел создавање модерен спортски центар кој ќе одговори на потребите на професионалниот и рекреативниот спорт.
Салата ќе биде со вкупна површина од околу 2.000 метри квадратни, од кои 1.400 метри квадратни се наменети за спортскиот терен, а 600 метри квадратни за пропратни простории, административни содржини и сервиси. Проектираниот капацитет изнесува приближно 1.000 гледачи.
„Проектот опфаќа изградба и опремување на спортски објект со ФИБА LEVEL 1 стандард, со вградување на енергетски ефикасни системи за греење, ладење и вентилација, подно греење поврзано на градската топловодна мрежа, како и современо спортско осветлување со професионална фотометрија. Предвидено е поставување на квалитетен масивен спортски под, нова спортска опрема и целосно обновување на административните и придружните простории“, информира премиерот Мицкоски.
