Се одложува утрешната главна судска расправа за предметот околу катастрофалниот пожар во Кочани. Ова е сторено по барање на бранителката на еден од обвинетите, адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска, информира Основниот кривичен суд Скопје.
„Во текот на вчерашниот ден, бранителката е избрана за член на Судскиот совет, па заради исполнување на правото за ангажирање нов бранител и негово запознавање со предметот, утрешната расправа се отповикува, а судењето продолжува на следниот, претходно утврден термин, на 26 јануари годинава”, соопшти Кривичниот суд.
Сузана Јошевска Анастасовска е бранителка на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување Аднан Џаферовски. Инаку судењето за пожарот во дискотеката „Пулс” во Кочани во кој загинаа 63 лица, а над 210 беа повредени е во фаза на доказна постапка.
