Тешките неколкудневни загадувања на скопскиот воздух ептен ги загрижи скопјани. Имаше и протест пред цементарницата „Усје”. Воедно, по низата барања од граѓанските иницијативи за чист воздух, Град Скопје ја прифати иницијативата за дислокација на цементарницата „Усје” надвор од градот. Советот изгласа Градоначалникот да побара од Владата разгледување на постапка за дислокација на „Усје” и на други загадувачи надвор од скопската котлина.
По ова се очекува како ќе постапи Владата. Министрите треба да ја разгледаат целата работа и да видат можна ли е и како би се извела таа обемна дислокација.
Сето тоа е долготраен процес, може да помине и цела деценија. А многу е важно да се даде одговор и што ќе се прави во меѓувреме?
Потребен е посилен мониторинг секаде каде има индустриски капацитети и се потенцијални загадувачи, можеби се потребни и дополнителни филтри, запирање на печките во ударните периоди на загаденост, забрана за користење пластика и гуми како енергенс и слични други мерки.
Инаку, од друга страна компанијата „Титан-Усје” останува цврсто на ставот дека работи одговорно и согласно еколошките стандарди на ЕУ.
