Загадениот воздух пак го поклопува Скопје. Веќе неколку дена главниот град е меѓу најзагадените во светот покажуваат официјалните мерења.
Утринската магла уште повеќе ја комплицира ситуацијата. Скопјани се молат да дувне ветерот и да го подзачисти отровниот воздух.
Ветерот ќе реагира или не, не зависи од нас луѓето и не може да му се лутиме кога го нема, но што со надлежните институции кои со години ветуваа и правеа планови како ќе го редуцираат загадувањето? И всушност главното прашање е, а сега кој е планот? Што посеопфатно и на подолг период ќе се прави за да се намали загадувањето?
Се ветуваше гасификација на Скопје, редовно и потемелно чистење на улиците, зголемување на зеленилото и најважното – воспоставување на 24 часовен мониторинг систем врз потенцијалните места каде се загадува воздухот. До каде е таа работа? Можеби треба за време на многу голема загаденост да се воведе и бесплатен јавен превоз и да се редуцира користењето автомобили. Загадувањето е тивок убиец, мора посериозно да се решава тој проблем.
