Македонска делегација, предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заедно со тимот од Секторот за нафта и гас во Министерството и раководните лица од Номагас, МЕМО и МЕПСО, престојуваше во Белград на покана на српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Хандановиќ Ѓуровиќ. Главниот фокус на посетата беше забрзаната реализација на гасниот интерконектор меѓу Северна Македонија и Србија – проект од стратешко значење за регионалната поврзаност и долгорочната енергетска безбедност.
Како што информира Министерството за енергетика, на работната средба беа разгледани клучните технички, финансиски и институционални чекори потребни за продолжување на активностите за изградба на интерконекторот. Овој инфраструктурен проект, со вкупна должина од околу 67 километри (23 km на територијата на Северна Македонија и 44 km во Србија), ќе ги поврзе гасните системи на двете земји – на македонска страна со приклучување кај Клечовце, а во Србија со националната гасоводна мрежа во близина на Врање.
За финансирањето има интерес и од Светската банка и други комерцијални банки, бидејќи интерконекторот претставува дел од пошироката визија за интегриран, диверзифициран и сигурен регионален пазар на гас. Согласно усогласената динамика, неговата изградба се очекува да биде завршена во текот на 2027 година. Во 2028 година низ новиот гасовод се очекува да протече и првиот гас. Интерконекторот е предвиден и да биде технички подготвен за идниот транспорт на водород, усогласено со долгогодишните европски енергетски цели и зелените политики.
Министерката Божиновска истакна дека проектот напредува согласно утврдена и усогласена динамика меѓу двете работни групи.
