Скопските улици вчера повторно сведочеа за загубен живот во сообраќајна несреќа. Среде бел ден, во центарот на градот загина пешак кој преминувал булевар со велосипед, на него налетало возило. И ова се случи
само еден ден по друга сообраќајка во центарот на Скопје кога беше прегазена и тешко повредена и една жена.
Страшно! Ова се случува ептен пречесто во главниот град, бројни се загинатите и тешко повредените лица. До кога сообраќајната некултура ќе зема жртви? Зарем толку се нескротливи здивените возачи, па со нив не може да излезе на крај целиот полициски и судски систем?
Ова се прашањата што се погласно ги поставуваат скопјани. Тие бараат полицијата да биде присутна на скоро сите попрометни места и црни точки низ градот.
„Во дневните извештаи на МВР се гледа дека се изрекуваат многу казни, но очигледно тоа не е доволно вразумувачко за многуте неодговорни возачи.
Време е и казните да станат повисоки, односно построги”, посочуваат граѓаните на социјалните мрежи.






