На програмата на годинашниот 54. фестивал „Мајски оперски вечери“, кој традиционално се одржува од 9 до 31 мај во Националната опера и балет се седум оперски претстави од Пучини и Верди, од кои две првпат во една вечер, како и еден балет – „Лебедово езеро“ од Петар Илич Чајковски.
Фестивалот ќе почне в сабота со две оперски претстави од Џакомо Пучини – премиерите на „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“, откако фестивалскиот оган ќе го запали нашата сопранистка со меѓународна кариера Ана Дурловски.
Следниот термин на МОБ е 13 мај, кога ќе биде изведена Вердиевата опера „Риголето“, а наредните денови на репертоарот се „Тоска“ од Пучини, „Мадам Батерфлај“ на Пучини и Вердиевите опери „Травијата“ и „Набуко“ – со која на 31 мај ќе биде затворен фестивалот.
