Основното училиште „Панајот Гиновски“ во општина Бутел е едно од 30-те училишта во државата кои добиваат подобрени услови за реализација на наставата по физичко и здравствено образование, како и за спортски активности, преку проектот за рехабилитација на училишни спортски објекти и набавка на спортска опрема.
Проектот се реализира со поддршка на Министерството за образование и наука, Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) и Развојната банка на Советот на Европа (CEB).
На настанот „УЧИ, ИГРАЈ, РАСТИ“, на кој беа презентирани досегашните резултати од проектот, министерката за образование и наука Весна Јаневска истакна дека меѓународната поддршка има значајна улога во подобрувањето на условите во македонските училишта.
„Образованието е еден од темелите на развојот на секое општество и најважната инвестиција во иднината на државата. Училиштето треба да биде место каде учениците ќе се чувствуваат сигурно, прифатено и мотивирано да учат и да го развиваат својот потенцијал“, порача Јаневска.
Таа посочи дека, покрај инвестициите во училишните спортски капацитети, Владата во изминатите две години реализирала или е во фаза на реализација на околу 90 инфраструктурни проекти во образовниот сектор низ повеќе општини.
Според министерката, целта е ниту едно училиште и ниту една локална заедница да не останат без соодветни услови за работа.
„Ќе продолжиме чекор по чекор, со поддршка од нашите партнери и со јасна цел – секое дете да има квалитетни и достоинствени услови за образование“, нагласи Јаневска.
На настанот се обратија и евроамбасадорот Михалис Рокас, амбасадорите на Италија, Шпанија и Франција – Паоло Палминтери, Рафаел Сориано Ортиз и Кристоф Ле Риголер, како и вицегувернерот на Развојната банка на Советот на Европа, Томас Бочек. Тие ја истакнаа важноста од континуирани инвестиции во образовната инфраструктура и ја потврдија поддршката за ваквите проекти.
Присутните ги поздравија и градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, како и директорката на училиштето Благородна Сотиров, кои изразија благодарност што училиштето „Панајот Гиновски“ е опфатено со реконструктивните активности.
Проектот за рехабилитација на објектите за физичко образование во основните и средните училишта започна во 2024 година, а неговата вкупна вредност до завршување на сите градежни активности се проценува на околу три милиони евра.
