Во зимските месеци, кога граѓаните почесто ги затвораат прозорците поради студот и загадувањето, квалитетот на воздухот во домовите може значително да се влоши. Секојдневните активности како готвењето, користењето свеќи, зголемената влажност и недоволната вентилација можат да создадат дополнителни извори на загадување во затворените простории.
Препораките на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и Американската агенција за заштита на животната средина (EPA) укажуваат дека зимскиот период бара поголемо внимание кон навиките во домот, но и следење на состојбата со надворешниот воздух пред проветрување.
Кога температурите се ниски, затворените прозорци ја задржуваат топлината, но истовремено ги задржуваат и штетните честички и испарувања создадени во домот. Пржењето храна, особено во недоволно проветрени простории, може да предизвика значително зголемување на концентрацијата на ситни честички и масни испарувања во воздухот.
ИЈЗ препорачува во денови со високо загадување да се избегнува пржење, а наместо тоа храната да се подготвува со варење или печење во рерна. При готвењето се советува користење аспиратор, со цел да се намали ширењето на загадувачите низ просториите.
Дополнителен ризик претставуваат и миризливите свеќи, темјанот, како и тутунските производи. Нивното согорување ослободува јаглерод моноксид, испарливи органски соединенија и ситни честички кои можат долго да останат во воздухот и домашниот текстил.
Посебно внимание треба да се посвети и на влажноста во домот. Сушењето алишта на радијатори и готвењето без соодветна вентилација може нагло да ја зголемат влажноста, создавајќи услови за појава на мувла и домашни грини.
Според насоките на EPA, оптималната релативна влажност во станбените простории треба да биде меѓу 30 и 50 проценти. При вредности над 60 проценти се зголемува ризикот од создавање кондензација и развој на мувла, што може да предизвика алергии и да ги влоши симптомите кај лицата со астма. Од друга страна, премногу сувиот воздух може да ја исуши слузницата на носот и грлото и да ја намали природната заштита на дишните патишта.
Проветрувањето во зимски услови, особено во загадени градски средини, треба да се прави внимателно. Наместо механичко отворање на прозорците во одредени часови, експертите препорачуваат следење на податоците од мерните станици и проветрување во периоди кога концентрациите на ПМ2,5 и ПМ10 честичките се пониски.
Според препораките на Светската здравствена организација (СЗО), внесувањето загаден надворешен воздух во просториите може дополнително да го наруши внатрешниот квалитет на воздухот. Како алтернатива, ИЈЗ препорачува користење прочистувачи со ХЕПА-филтер, прилагодени на големината на просторијата, како и користење клима-уреди во режим на рециркулација кога надворешниот воздух е загаден.
Дополнително, редовното чистење со влажна крпа наместо со сува метла може да помогне во намалување на повторното подигнување на насобраните честички во воздухот.
Со мали промени во секојдневните навики, граѓаните можат значително да го подобрат квалитетот на воздухот во своите домови и да го намалат влијанието на зимското загадување врз здравјето.
