Германскиот авиопревозник „Луфтханза“ најави укинување на 1.000 работни места со полно работно време на аеродромите во Франкфурт и Минхен, како дел од мерките за намалување на трошоците и подобрување на финансиската состојба.
Одлуката следува по слабите резултати на „Луфтханза ерлајнс“, главниот бренд во рамки на групацијата, кој од јануари до септември годинава бележи просечна месечна загуба од околу 20 милиони евра.
Според интерно писмо до вработените, на кое се повикува „Еуроњуз“, закрепнувањето на компанијата било забавено поради штрајковите на пилотите и кабинскиот персонал, но и поради зголемените трошоци за гориво по почетокот на војната во Иран.
Укинатите позиции претставуваат околу 2,5 проценти од вкупно 40.000 вработени во главната авиокомпанија на „Луфтханза“.
„Годината 2026 нè врати назад. Војната на Блискиот Исток, високите трошоци за гориво, деветте дена штрајк и нашата и онака висока трошковна база дополнително ја влошија ситуацијата“, се наведува во пораката од раководството до вработените.
Иако компанијата во 2024 година започна план за реструктуирање со повеќе од 700 мерки кои требаше да донесат дополнителна заработка од 2,5 милијарди евра до 2028 година, управата оценува дека тие чекори веќе не се доволни за целосно надминување на проблемите.
„Луфтханза“ сè уште нема потврдено дали најавените отпуштања се дел од поширокиот план на групацијата за укинување на 4.000 претежно административни работни места до 2030 година.
Додека главниот бренд се соочува со пад на оперативната добивка, останатите компании во групацијата имаат подобри резултати. Во неа влегуваат „Свис“, „Остријан ерлајнс“, „Браселс ерлајнс“, „Еуровингс“, како и уделот во италијанската „ИТА ервејс“.
На ниво на целата групација, нето-добивката во првите девет месеци од 2026 година е намалена за 35 проценти и изнесува 715 милиони евра. Поради послабите очекувања, раководството ги намали и прогнозите за годишната оперативна добивка.
Најголем товар врз финансиските резултати остануваат трошоците за гориво. Според проценките, групацијата годинава ќе потроши околу 9,3 милијарди евра за гориво, што е за околу две милијарди евра повеќе во однос на претходната година.
Извршниот директор Карстен Шпор порача дека компанијата мора да го забрза финансиското закрепнување на главниот бренд и да преземе дополнителни мерки за подобрување на ефикасноста.
