Засилени акции за прскање против комарци синоќа беа спроведени во три скопски општини – Кисела Вода, Гази Баба и Карпош. Активностите се реализираат во координација со Град Скопје и Центарот за јавно здравје, во период кога се преземаат дополнителни мерки за справување со западнонилската треска.
Во Кисела Вода третирањето започнало во 22 часот, а со специјализирани возила биле опфатени критичните подрачја со зголемено присуство на возрасни комарци. Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска информира дека Општината досега реализирала три третмани против возрасни комарци и една акција за сузбивање на ларвите. Според неа, Град Скопје досега извршил вкупно 14 дезинсекции, а активностите ќе продолжат во зависност од состојбата на терен.
Вонредна акција синоќа се спроведуваше и во Гази Баба, каде што екипите работеле до 3:30 часот утрово. Третирањето опфатило повеќе од 20 населби и населени места, меѓу кои Смилковци, Стајковци, Ченто, Инџиково, Маџари, Јурумлери, Автокоманда и Железара. Градоначалникот Бобан Стефковски најави дека засилените активности ќе продолжат и во следните денови во координација со надлежните институции.
Дополнително теренско прскање против комарци и ларви било спроведено и во Општина Карпош. Екипите таму се фокусирале на критичните точки и таканаречените „лежишта“, а темелна дезинсекција била извршена на улицата Ловќенска 4 во Козле и на Скупи 8 во Бардовци. Од Општина Карпош информираат дека досега биле извршени седум теренски прскања, а акциите ќе продолжат со цел намалување на присуството на комарци.
Засилената дезинсекција следува во услови на појава на западнонилска треска, поради што општините најавуваат континуирано следење на состојбата и дополнителни интервенции таму каде што ќе биде потребно.
