Запрен романски камион во активната сообраќајна лента е една од можните причини за првиот судир во тешката верижна несреќа на бугарскиот автопат „Тракија“, во која загинаа 11 лица, а десетици беа повредени.
Ова го изјави Диана Русинова, претседателка на Европскиот центар за транспортни политики, која го посетила местото на трагедијата во близина на Јамбол.
Според нејзините првични сознанија, товарното возило било запрено во возната лента во правец кон Бургас, но засега не е утврдено дали причината за неговото запирање бил технички дефект или друга околност.
Русинова нагласи дека станува збор за почетни информации, а точните причини ќе ги утврди истрагата.
Таа посочи и дека дел од судирите во спротивниот правец можеби настанале откако возачи успорувале или застанувале поради несреќата, дел со намера да помогнат, а дел можеби и за да го снимаат настанот.
„Тоа се претпоставки, а не конечни заклучоци“, нагласи Русинова.
Експертката упати критики поради недостигот од современи системи за предупредување на автопатиштата, кои би можеле да им помогнат на возачите во услови на густа магла и нагло намалена видливост.
Трагедијата на „Тракија“ кај Јамбол однесе 11 животи, а во двете верижни несреќи учествуваа 86 возила.
