Американскиот претседател Доналд Трамп ја предложи Кристи Меккормик за нова амбасадорка на Соединетите Американски Држави во Македонија. Станува збор за републиканка и долгогодишна функционерка во американската изборна администрација, чие име со години е поврзувано со политички контроверзии и дебати околу изборниот процес во САД.
Меккормик е член на Американската изборна комисија од 2014 година, кога беше номинирана од тогашниот претседател Барак Обама. Во текот на својата кариера трипати ја извршуваше функцијата претседателка на Комисијата – во периодите 2015–2016, 2019–2020 и 2022–2023 година.
По претседателските избори во 2016 година, таа привлече внимание со ставовите дека тврдењата за руско мешање во изборниот процес биле политички мотивирани. Во текст објавен на веб-страницата на Комисијата, проценките за руско влијание ги оцени како пропаганда на администрацијата на Барак Обама во заминување.
Подоцна, кога Министерството за внатрешна безбедност на САД започна координација со институциите за заштита на изборниот систем, тогашниот функционер Нил Џенкинс изјави дека соработката со раководството на Комисијата била тешка, а комуникацијата со Меккормик особено непродуктивна. Според него, таа ретко присуствувала на состаноците посветени на заканите од странско влијание врз изборите.
Во 2019 година Меккормик го ревидираше својот став и изјави дека Русија навистина претставувала реална и континуирана закана за американските избори во 2016 година. Таа објасни дека претходните оценки ги темелела на тогаш недоволно достапните доверливи разузнавачки информации.
Во 2017 година Доналд Трамп ја именуваше за член на Претседателската советодавна комисија за изборен интегритет, формирана по неговата победа на изборите во 2016 година. На првиот состанок на Комисијата Меккормик тврдеше дека лично била сведок на изборни измами, но без да презентира конкретни докази.
Нејзините јавни настапи продолжија да предизвикуваат реакции и во наредните години. Во октомври 2025 година учествуваше на панел организиран од Институтот за политика „Америка на прво место“, организација блиска до движењето на Трамп, каде што изјави дека Демократската партија се спротивставува на построги изборни правила затоа што, според неа, смета на гласови од мигранти и лица кои не се американски државјани.
По тие изјави беше поднесена претставка со барање да се испита дали Меккормик ги прекршила правилата што ја ограничуваат партиската и политичката активност на федералните службеници.
Нејзината кандидатура за амбасадорка во Македонија ќе треба да ја помине предвидената процедура за потврда во американските институции пред да стапи на должност.
