Руски и украински претставници денеска и утре ќе одржат дводневни разговори во Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати, со посредство на Соединетите Американски Држави. Ова ќе бидат првите директни преговори меѓу двете страни од февруари годинава.
Средбите доаѓаат само неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека постои можност за постигнување поширок мировен договор кој, покрај ставање крај на војната во Украина, би можел да опфати и прашања поврзани со европската безбедност.
Франција, Германија и Европската комисија ќе имаат свои претставници во Обединетите Арапски Емирати, но нема директно да учествуваат на разговорите меѓу Москва и Киев. Наместо тоа, украинската делегација ќе одржува посебни состаноци со европските партнери за да ги информира за текот на преговорите.
„Правиме сè за да осигуриме дека Европа е учесник во дипломатскиот процес“, изјави шефот на украинската делегација, Рустем Умеров.
Руската делегација повторно ја предводи помошникот на претседателот Владимир Путин, Владимир Медински. Во составот на тимот овојпат се и заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков, како и генерал-потполковник Јуриј Жигарловски од Генералштабот на руската армија.
И покрај оптимистичните изјави од Вашингтон, засега нема јавни индикации дека Москва е подготвена да се откаже од своите барања, меѓу кои е и целосна контрола врз регионот Донбас. Од друга страна, украинскиот претседател Володимир Зеленски останува на ставот дека Украина нема да се откаже од својата територија.
Во пресрет на разговорите, Зеленски изјави дека неодамнешните успеси на украинската армија на фронтот ја зајакнале преговарачката позиција на Киев.
Американски функционери, според британските медиуми, сметаат дека двете страни би можеле да покажат одредена подготвеност за компромис околу територијалните прашања. Сепак, висок украински претставник категорично демантираше дека Киев разгледува какви било територијални отстапки.
Според украинската страна, евентуални разговори за територијата можат да се водат единствено на највисоко политичко ниво и само доколку претходно бидат договорени цврсти безбедносни гаранции за Украина.
Во меѓувреме, борбите продолжуваат. Прекинот на нападите врз енергетската инфраструктура, најавен минатиот месец, не се одржа, а и Русија и Украина во последните недели повторно изведуваат напади врз енергетски и воени цели.
Изјавата на Трамп дека се разговара и за поширок европски безбедносен договор предизвика реакции во европските престолнини. Дел од европските лидери порачаа дека за сите прашања поврзани со безбедноста на Европа мора директно да учествуваат европските држави и институции.
