Војната меѓу САД и Израел против Иран влезе во осмиот ден ден. Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека операциите дури сега влегуваат во нова фаза. Тој порача дека Вашингтон е подготвен за подолг конфликт и дека притисокот врз Иран ќе продолжи.
Ова е една од причините што цените на нафтата на светските пазари бележат драматичен раст. Американската сурова нафта оваа недела го забележа најголемиот неделен скок во историјата. Стравувањата од сериозни нарушувања во глобалното снабдување со енергенси се големи.
Дополнителна неизвесност предизвика изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој побара безусловна капитулација на Иран. Според економските аналитичари, ваквите пораки го зголемуваат ризикот од долготраен конфликт што може сериозно да ги потресе светските пазари на нафта и гас.
Терминските договори за американската сурова нафта Вест Тексас Интермидиет (WTI) пораснаа за повеќе од 12 проценти и достигнаа цена од околу 91 долар за барел. Истовремено, цената на референтната нафта Брент се искачи на речиси 93 долари за барел.
На неделно ниво, американската нафта поскапе за повеќе од 35 проценти, што е најголем раст од почетокот на тргувањето со термински договори во 1983 година. И нафтата Брент бележи огромен скок од околу 28 проценти, најголем од 2020 година.
Енергетските пазари дополнително ги вознемири ситуацијата во Ормускиот теснец. Станува збор за една од најважните поморски рути за транспорт на нафта во светот. Војната речиси целосно го парализираше сообраќајот на танкерите низ овој теснец.
Катарскиот министер за енергетика Саад ал-Кааби предупреди дека цената на нафтата би можела да достигне и 150 долари за барел. Тој предупреди дека ваквиот развој на настаните може да предизвика сериозни потреси во светската економија.
Во меѓувреме, неколку земји од регионот веќе се соочуваат со проблеми во производството. Ирак го запре производството од околу 1,5 милиони барели дневно, додека Кувајт почна да го намалува производството поради недостиг од складиштен простор.
Американската администрација најави и програма од 20 милијарди долари за осигурување на нафтените танкери во Персискиот Залив. Сепак, оваа мерка засега не успеа значително да го смири пазарот.
Аналитичарите предупредуваат дека доколку Ормускиот теснец остане затворен, глобалното производство би можело дополнително да се намали. Според проценките на банката Џеј-Пи Морган, намалувањето може да достигне и шест милиони барели дневно.
Растот на цените веќе се чувствува и кај потрошувачите. Во Соединетите Американски Држави, цената на бензинот за само една недела порасна за речиси 27 центи. Се очекува од следната недела и во европските држави да се зголемуваат цените на бензините и дизелот.
И Македонија постои загриженост околу ситуацијата на светските енергетски пазари. Иако властите смируваат дека државата располага со доволни резерви на нафтени деривати, евентуалното продолжување на кризата на Блискиот Исток може индиректно да се одрази и врз домашните цени на горивата. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата веќе разгледува механизми за ублажување на можниот ценовен шок. Според него, доколку дојде до посериозен раст на цените на светските пазари, државата ќе интервенира со мерки за да се заштитат крајните потрошувачи.
