Останките на цар Самуил денеска пристигнаа во Софија, 1012 години по неговата смрт, каде беа изложени пред илјадници граѓани во центарот на бугарската престолнина, пред да бидат положени во базиликата „Света Софија“.
Според бугарските медиуми, посмртните останки биле транспортирани од Солун со воен авион „Спартан“, кој по влегувањето во бугарскиот воздушен простор бил придружуван од борбени авиони МиГ-29 и Ф-16.
По пристигнувањето во Софија, ковчегот со останките на Самуил бил пречекан со церемонија на плоштадот „Батенберг“, каде присутните граѓани го поздравиле со аплауз.
На свеченоста биле одржани говори, била интонирана бугарската химна, а во чест на царот биле испукани 21 топовски поздрав.
Во своето обраќање, бугарскиот претседател Румен Радев изјавил дека денешниот настан претставува исполнување на долгогодишна должност.
„Пред нас се смртните останки на цар Самуил. Тој го имаше тешкиот товар да ја брани Татковината на Балканскиот Полуостров покрај моќната Византиска Империја“, рекол Радев.
Тој посочил дека Самуил владеел во период на големи историски предизвици, кога, според неговите зборови, ја продолжил борбата за зачувување на државата и нејзините граници.
Радев нагласил дека старата престолнина Преслав паднала, а Самуил и неговите браќа наследиле ослабена држава, по што следувале години на воени судири и политички предизвици.
Тој им се заблагодарил и на политичарите кои, како што рекол, во изминатите шест децении работеле на враќањето на останките на цар Самуил.
