Полицијата во Србија истражува тешка семејна трагедија откако во куќа во местото Куман, општина Нови Бечеј, било пронајдено телото на жена со иницијали С.С., која живеела заедно со својот син М.С.
Според неофицијални информации, во семејниот дом биле пронајдени делови од нејзиното тело во замрзнувач, по што нејзиниот син бил веднаш приведен и пренесен во психијатриска установа.
Телото на жената, по налог на Вишото јавно обвинителство во Зрењанин, е испратено на обдукција во Институтот за судска медицина во Нови Сад. Резултатите треба да покажат како настанала смртта и дали постојат елементи за кривично дело.
Надлежните проверуваат повеќе можни сценарија – дали жената починала од природна смрт, дали била изгладнувана од нејзиниот син или, пак, ѝ биле нанесени повреди кои довеле до смртен исход.
„Се испитува дали синот намерно ја изгладнувал и дали жената починала уште пред извесно време. Исто така, се проверува дали евентуално ѝ нанел смртоносни повреди. Она што е сигурно е дека делови од нејзиното тело биле пронајдени во замрзнувачот“, изјавил извор близок до истрагата.
Конечните детали ќе бидат познати по завршувањето на обдукцијата, по што обвинителството ќе одлучи за понатамошните чекори во постапката.
