Полицијата, нуркачки тимови и спасувачки служби трагаат по 32-годишен скопјанец кој исчезнал во Охрид, откако неговиот татко пријавил дека го напуштил автокампот во кој престојувале.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, З.С. од Скопје на 14 септември во 18:10 часот пријавил дека неговиот син Б.С. (32) се оддалечил од кампот, по што му се губи секаква трага.
Набргу потоа, на една од плажите биле пронајдени дел од неговата облека, мобилниот телефон и гумен чамец, по што веднаш била започната потрага.
Во акцијата се вклучени полициски службеници од Езерската полиција и СВР Охрид, членови на Спасителната планинарска служба, како и нуркачки тим од нуркачкиот клуб „Охрид“.
Надлежните служби ги пребаруваат водите на Охридското Езеро и околниот терен со цел пронаоѓање на исчезнатиот скопјанец и утврдување на сите околности поврзани со случајот.
Потрагата продолжува.
