Се најавува средување на хаосот со паркирањето во Клиничкиот центар „Мајка Тереза”. Ќе се градат три катни гаражи.
Денеска пак, министерот за здравство Азир Алиу најави и дека ќе има различни цени за различни категории посетители.
„Онколошки пациенти и во иднина ќе имаат бесплатно паркинг место. Пациенти кои се лекуваат тука ќе плаќаат цена што ќе биде достапна за нив и нема да биде комерцијална. Вработените во Клиничкиот центар ќе имаат цена што е достапна за администрација. А за сите останати ќе имаме цена што ќе биде комерцијална, како на сите паркинг места што има комерцијални цени, појасни Алиу.
Тој информираше и дека во план преку апликација од дома да се резервира паркинг место со број на упат или пред рампа да се скенира код од упатот.
Инаку, катните гаражи е ветено дека ќе се изградат до јуни годинава.
