Во недела, 27 септември, во дел од главниот градски регион ќе има изменет режим на сообраќај поради одржување на улична атлетска трка.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека трката ќе започне во 08:00 часот, во организација на Здружението Атлетски клуб „Скопски Маратон“ Скопје.
Трасата на движење ќе започне од улицата „9“, пред Домот на културата во Општина Илинден, а потоа ќе продолжи по улиците „534“ и „532“ во населбата Илинден и селото Марино.
Учесниците ќе се движат и по улицата „10“ во селото Кадино, каде што на кружниот тек ќе имаат полукружно вртење, по што ќе се вратат по истата траса назад – преку улиците „10“, „532“, „534“ и „9“.
Потоа трасата продолжува по улицата „2“ до Домот за стари лица, каде повторно ќе има полукружно вртење и враќање до целта пред Домот на културата на улицата „9“ во населбата Илинден.
Поради одржувањето на настанот, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе воспостави посебен режим, а возилата ќе се пренасочуваат по околните сообраќајници.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат насоките и наредбите од полициските службеници на делниците каде што ќе се одвива трката.
