Родителите на починатите во пожарот во „Пулс“ денеска на 33. Марш за ангелите директно му се обратија на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција барајќи одговор зошто е пробиен рокот за поднесување на обвинение за полициските службеници опфатени со истрагата за трагичниот пожар.
Според нив, согласно начелата на владеење на правото, законитост и еднаквост на сите граѓани пред законот, покажале трпение и одговорност и во период од три плус три месеци не побарале информација за текот и статусот на обвинителниот акт.
-Рокот што беше јавно и институционално најавен, со краен датум до 12.12.2025, е пробиен, без доставено образложение, без официјално известување и без преземање видливи процесни дејствија, рече пред кочанските Суд и Обвинителство, Розета Блажева, сестра на починатиот Јорданчо Џамов.







