На местото каде со години се создаваше дива депонија, во скопската општина Бутел се реализира проект за изградба на нов парк со вкупна површина од 50.000 квадратни метри. Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека проектот има за цел трајно да го реши проблемот со нелегалното депонирање отпад и просторот да го претвори во современа зелена зона.
Според Ѓорѓиевски, првата фаза од проектот веќе е завршена. На површина од околу 8.000 квадратни метри долж булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“ се изградени зелени површини, плоштад, детски игралишта, пешачки патеки и фитнес-зони.
Во меѓувреме продолжуваат работите на преостанатите 42.000 квадратни метри, каде е предвидено хортикултурно уредување и изградба на дополнителни содржини за рекреација и одмор за граѓаните од сите возрасти.
Паркот ќе располага и со сопствен систем за наводнување со техничка вода, што треба да овозможи полесно и поекономично одржување на зеленилото.
„Таму каде што со години се трупаше отпад, создаваме простор за детски насмевки, семејни прошетки, спорт и дружење. Децениската негрижа ја претвораме во зелена гордост на Скопје. Довербата на граѓаните се заслужува со работа и конкретни резултати“, порача Ѓорѓиевски.
Од Град Скопје очекуваат новиот парк да придонесе за почиста животна средина, подобар квалитет на воздухот и спречување на повторно создавање диви депонии на оваа локација.
