Граѓаните на Босна и Херцеговина денеска гласаат на избори на кои се избираат нови претставници на државно, ентитетско и кантонално ниво. Право на глас имаат 3.408.517 регистрирани гласачи, а избирачките места ќе бидат отворени од 7:00 до 19:00 часот.
Гласачите своето право можат да го остварат со важечка лична карта, возачка дозвола или пасош издаден од Босна и Херцеговина.
Изборниот процес се одвива под засилени безбедносни мерки, а изборниот материјал и гласачките места се обезбедени од полициските служби преку физичко, оперативно и сообраќајно обезбедување.
Во текот на изборниот ден е во сила изборен молк, кој трае до затворањето на гласачките места. Во тој период политичките субјекти немаат право на јавни активности поврзани со кампањата, ниту на медиумско промовирање на изборните пораки.
На овие избори граѓаните избираат членови на Претседателството на БиХ, пратеници во Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ и во Претставничкиот дом на Парламентот на Федерацијата БиХ.
Ќе се избираат и претседател и потпретседатели на Република Српска, пратеници во Народното собрание на РС, како и членови на кантоналните собранија во Федерацијата БиХ.
За 518 мандати се борат вкупно 7.028 потврдени кандидати.
Гласањето се спроведува на 5.569 избирачки места низ земјата, од кои 5.121 се редовни места, додека 385 мобилни тимови се ангажирани за гласачи кои не можат лично да пристапат до избирачките места.
За гласање од странство се регистрирани 48.078 граѓани. Повеќето од нив ќе гласаат по пошта, додека дел од гласачите ќе го остварат правото на глас во дипломатско-конзуларните претставништва на БиХ во 13 земји.
