Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува со инвестиции во здравствениот сектор, со цел подобрување на условите во установите, набавка на современа опрема и обезбедување поквалитетни здравствени услуги за граѓаните, соопштија од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека во тек се повеќе капитални проекти, меѓу кои изградбата на Клиничките болници во Штип и Тетово, проширувањето на Здравствениот дом во Кичево, како и изградба на студентски дом и Факултет за медицински науки.
Според партиското соопштение, за дел од овие проекти веќе постои интерес од потенцијални финансиери, додека паралелно се разгледуваат можностите за реализација на нов Клинички центар во Скопје.
Како што информираат од владејачката партија, една од разгледуваните локации за новиот здравствен комплекс е просторот кај „Борис Трајковски“. Планот, според нив, предвидува современ медицински комплекс кој би бил поврзан со Клиничката болница „8 Септември“ преку топол подземен премин, а во целината би биле вклучени и ПЕТ центарот и поликлиниката „Букурешт“.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека паралелно со новите проекти се реализираат и реконструкции во постојните здравствени установи.
Во болницата „8 Септември“, според нив, се реконструирани оперативниот блок, интензивната нега, патологијата, лабораторијата и кровната конструкција, додека обновена е и трауматологијата во Старата градска болница.
Во соопштението се наведува и дека во Гинеколошко-акушерската клиника (ГАК) се вложени 110 милиони денари за реконструкција и набавка на опрема.
Од партијата додаваат дека во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ се обновени шест операциони сали, а уште четири се очекува да бидат ставени во функција.
Според ВМРО-ДПМНЕ, досега се реконструирани повеќе од десет здравствени објекти и клиники, а набавена е современа медицинска опрема вредна неколку милиони евра.
