Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција упати низа критики кон претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека се спротивставува на инвестиции и проекти кои, според него, треба да придонесат за економски раст и отворање нови работни места.
Петрушевски изјави дека ставовите на Филипче за повисоки плати не се усогласени со неговиот однос кон капиталните инвестиции.
„Филипче зборува за плати од 600 евра, а во исто време е против дата центри, рудници и нови работни места. Му пречат инвестициите и проектите што носат економски развој“, изјави Петрушевски.
Тој додаде дека, според него, лидерот на СДСМ има погрешни приоритети и не ги поддржува проектите што, како што рече, се важни за развојот на државата.
Во своето обраќање, Петрушевски упати и обвинувања поврзани со претходното владеење на СДСМ, наведувајќи дека на Филипче не му пречеле „бизнисите со марихуана на Заев“, ниту, како што рече, „провизиите од тендери“, додека денес се противи на инвестиции и отворање нови работни места.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека ќе продолжат да работат на политики кои, според нив, ќе обезбедат економски развој, нови инвестиции и подобар животен стандард за граѓаните.
