ВМРО-ДПМНЕ обвини дека делови од македонскиот правосуден систем се ставени во функција на заштита на поранешни функционери и структури на СДС и ДУИ.
Од владејачката партија тврдат дека, како што велат, „остатоци од старите политички влијанија“ во судството и обвинителството ги попречуваат постапките против лица поврзани со поранешната власт.
„Македонското правосудство се претвори во бастион на СДС и ДУИ и со сите преостанати сили се стави во служба на одбрана на нивните криминалци“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата посочуваат неколку случаи за кои сметаат дека се доказ за нефункционирање на системот, меѓу кои укинатата пресуда за автобуската несреќа кај Ласкарци, случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово и истрагата за случајот „Мазут“.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека ваквите постапки не се случајни, туку резултат на, како што велат, правосуден систем воспоставен од СДС и ДУИ кој и понатаму ги штити нивните политички интереси.
„СДС и ДУИ ја загубија власта, но нивните судии и обвинители останаа нивното последно упориште за одбрана на системот што го создаваа со години“, стои во соопштението.
Од партијата наведуваат и имиња на повеќе јавни обвинители и судии, за кои тврдат дека се дел од структури кои влијаат врз текот на одредени предмети.
Според ВМРО-ДПМНЕ, секогаш кога поранешни функционери на СДС и ДУИ треба да се соочат со одговорност, постојат механизми преку кои, како што тврдат, предметите се одолговлекуваат, истрагите се затвораат или пресудите се укинуваат.
Од владејачката партија велат дека ниската доверба на граѓаните во правосудството е последица на ваквите состојби и порачаа дека, според нив, времето на „недопирливите“ мора да заврши.
„Одговорност за секој според делото ќе има“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
