ВМРО-ДПМНЕ го обвини СДСМ и неговиот лидер Венко Филипче дека со критиките кон проектите за дата центри се спротивставуваат на инвестиции од стратешко значење за државата. Од партијата велат дека развојот на дата центрите е светски тренд и важен дел од дигиталната трансформација и зајакнувањето на сајбер-безбедноста.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Македонија веќе располага со секундарен дата центар во Прилеп, но неопходна е изградба и на примарен национален дата центар за централизирано и безбедно чување на податоците на државните институции. Од партијата посочуваат дека проектот е дел од Реформската агенда со Европската Унија и дека за неговата реализација е предвидена европска финансиска и техничка поддршка.
Новиот центар, според нив, треба да обезбеди поголема заштита на податоците на граѓаните и институциите, поголема отпорност на сајбер-напади и посигурно функционирање на државните системи. ВМРО-ДПМНЕ потсетува и на сајбер-нападот врз системот на Фондот за здравствено осигурување во периодот кога СДСМ беше на власт, по кој граѓаните се соочија со проблеми при користењето на дел од услугите.
Од партијата сметаат дека токму ваквите случаи покажуваат зошто државата треба да инвестира во современа и безбедна дигитална инфраструктура. ВМРО-ДПМНЕ порача дека националниот дата центар треба да претставува инвестиција во дигиталната иднина, сајбер-безбедноста и заштитата на податоците на граѓаните и државата.
