Македонија добива 28 нови директни авиодестинации од двата меѓународни аеродроми во земјата – Скопје и Охрид, со што дополнително се проширува авиосообраќајната мрежа кон повеќе европски градови.
Според соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, новите авиолинии треба да овозможат полесно патување за граѓаните, но и подобар пристап до земјата за странските туристи и деловните посетители.
Од Меѓународниот аеродром Скопје се воведени директни летови до Париз, Барселона, Лион, Амстердам, Љубљана, Мадрид, Стокхолм, Келн, Бари, Прага, Ларнака, Неапол, Будимпешта, Алгеро и Палермо.
Од аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, пак, новите линии ги поврзуваат патниците со Истанбул, Базел, Ларнака, Мадрид, Штутгарт, Бари, Стокхолм, Катовице, Вроцлав, Милано, Братислава и Виена.
Од владејачката партија оценуваат дека зголемената авиоповрзаност може позитивно да влијае врз развојот на туризмот, особено во Охрид, но и врз економското поврзување на македонските компании со странските пазари.
Според нив, проширувањето на авиомрежата е дел од политиките за поголема мобилност и подобра поврзаност на Македонија со Европа и светот.
Новите директни летови на граѓаните им нудат повеќе можности за патување без дополнителни преседнувања, што може да придонесе и за поголем број туристички посети и деловни контакти.
