Политиките на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ даваат резултати преку економски раст, намалување на јавниот долг како процент од БДП и пониска инфлација, соопшти ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата наведуваат дека јавниот долг од 4,787 милијарди евра или 47,7 отсто од БДП во 2017 година, до крајот на 2023 година пораснал на 8,477 милијарди евра или 57,8 отсто од БДП.
Според нивните пресметки, за шест години долгот бил зголемен за 3,69 милијарди евра, додека растот на БДП во истиот период изнесувал околу 3,9 милијарди евра. На крајот на 2024 година јавниот долг изнесувал 9,619 милијарди евра или 61,4 отсто од БДП, а заклучно со 30 јуни 2026 година неговото учество било намалено на 58,8 отсто. ВМРО-ДПМНЕ посочува дека според проекциите на ММФ, македонскиот БДП во 2026 година треба да достигне 21,61 милијарда долари, наспроти 16,95 милијарди долари во 2024 година. Во истиот период, според партијата, јавниот долг би достигнал околу 11 милијарди евра, што значи дека економијата би растела значително побрзо од задолжувањето.
Како друг позитивен показател ВМРО-ДПМНЕ ја наведува инфлацијата, која според соопштението во јули годинава изнесувала 2,3 отсто на годишно ниво, наспроти 16 отсто во јули 2022 година. Од партијата тврдат дека Македонија во јули имала пониска инфлација од повеќе земји во регионот, меѓу кои Словенија, Хрватска, Бугарија, Босна и Херцеговина, Косово, Романија, Црна Гора, Албанија и Турција.
ВМРО-ДПМНЕ наведува дека нивната економска политика предвидува новите задолжувања да бидат поврзани со инвестиции, инфраструктура, производство и други проекти што создаваат дополнителна вредност. Од партијата најавуваат продолжување на политиките за нови инвестиции и работни места, раст на платите и пензиите, поголема продуктивност и подобрување на куповната моќ и економската сигурност на граѓаните.
