ВМРО-ДПМНЕ реагираше на објавите на Јон Фрчкоски во врска со јавната набавка за хотелски услуги, тврдејќи дека станува збор за редовна постапка на Генералниот секретаријат на Владата, која нема никаква поврзаност со патувањето во Њујорк.
Од партијата наведуваат дека набавката била објавена кон крајот на јули или почетокот на август, во согласност со однапред утврдени рокови, а техничката спецификација, според нив, е идентична со онаа што се користела и во претходните години.
Во реакцијата се наведуваат и податоци за претходните договори. Според ВМРО-ДПМНЕ, во 2023 година јавната набавка изнесувала 10 милиони денари за период од една година и била реализирана преку компанијата „БТ Травел“. Во 2024 година вредноста изнесувала 20 милиони денари за период од две години, повторно со истата компанија, додека во 2026 година договорот е во вредност од 20 милиони денари за две години со компанијата „Фул сервис операторс“.
Од партијата тврдат дека техничката спецификација не е променета од 2023 година, а како единствена разлика ја посочуваат провизијата за туристичката агенција, за која велат дека во актуелната постапка е најниска.
Во соопштението ВМРО-ДПМНЕ упатува критики и кон Јон Фрчкоски, оценувајќи дека неговите тврдења се неосновани и дека се наменети за политичка комуникација со неговата публика.
Од партијата повторуваат дека станува збор за редовна и законски спроведена јавна набавка, предвидена за потребите на Генералниот секретаријат на Владата.
