ВМРО-ДПМНЕ го обвини лидерот на СДСМ Венко Филипче дека се противи на проекти кои, според партијата, можат да ја направат Македонија помодерна, посилна и поконкурентна. Од партијата реагираат на ставовите на Филипче за евентуалната изградба на дата-центри во земјава, оценувајќи дека тие се изнесуваат без доволно аргументи и стручни анализи.
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека по неуспехот на иницијативата против дата-центрите во Пехчево следувало ново ширење страв и паника во јавноста. Според партијата, Македонија треба да привлекува инвестиции, да гради модерна инфраструктура и да создава услови за побрз економски развој.
Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека ваквите инвестиции треба да се реализираат со целосно почитување на законите, заштита на животната средина и примена на највисоки стандарди за безбедност на граѓаните. Тие го обвинуваат Филипче дека наместо аргументирана дебата и факти, секоја нова можност за развој ја претвора во причина за создавање загриженост во јавноста.
Според ВМРО-ДПМНЕ, на земјата ѝ се потребни развој и долгорочна визија, а не политички конфликти околу секоја нова инвестиција. Од партијата порачуваат дека проектите што можат да ја модернизираат Македонија треба да се оценуваат врз основа на факти, стручни анализи и законски стандарди, а не преку, како што велат, ширење страв и паника.
